Рапидно се зголемува бројот на заболени од грип
Расте бројот на заболени од грип- само за една недела во Центарот за јавно здравје се евидентирани 853 грипозни лица. Според епидемиолозите, се очекува бројот на заболените од сезонскиот грип да расте пред и по празниците. Лани не се прогласи епидемија на ова сезонско заболување, лекарите се надеваат дека таа слика ќе се повтори и годинава.

За еден месец, речиси осум илјади граѓани заболеле од грип. Лекарите очекуваат бројот постојано да расте, Комисијата за заштита од заразни болести со препораки за да се спречи ширењето на грипот. Порачаа редовна дезинфекција на детските градинките и на училиштата додека трае сезоната на грип. Зголемена хигиена и почесто проветрување на просториите.
„Она што го препорачуваме во болниците е редукција на бројот на посетители, но не целосна забрана. Секако препорачуваме да се одбегнуваат масовни собири колку што е можно во сегашнава ситуација“, изјави проф. д-р Звонко Миленковиќ, директор на Клиниката за инфективни болести.
Покрај пациентите со грип, според доктор Миленковиќ на Клиника зголемен е бројот на лица со цревни инфекции и инфекции на централниот нервен систем. Вчера таму е хоспитализирано шест годишно дете со вирусен менингитис, неговата здравствена состојба е стабилна. Нема пријава за други деца со ова заболување.
„Воопшто не станува збор за бактериски туку за вирусен менингит. Имаме јасна потврда со најсовремена дијагностичка технологија. Во моментов на Клиниката, респираторната симптоматологија не е ниту доминантна меѓу хоспитализираните пациенти. Имаме пациенти со цревни инфекции со инфекции на централен нервен систем“, вели д-р Миленковиќ.
Започнувањето на зимскиот распуст е можност да се намали ширењето на грипот меѓу учениците- велат од Комисијата за заразни заболувања.
Андријана Атанасовска
