Новите пратеници добија уверенија

28.12.2016 15:55

Овластени претставници на коалициите и политичките партии ги подигнаа уверенијата за пратеници од Државната изборна комисија. Деветтиот македонски парламентарен состав со 120 народни избраници.

Државната изборна комисија им ги врачи уверенијата на претставниците на коалициите и на политичките партии кои освоија пратенички мандати на предвремените парламентарни избори.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски изјави дека изборите биле спроведени на законит начин и според меѓународните стандарди кои ја уредуваат оваа област. Овластените претставници кои присуствува на врачувањето на уверенијата изјавија дека изборите поминале мирно и демократски.

На предвремените парламентарни избори коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, коалицијата на СДСМ – 49, ДУИ – 10, движењето БЕСА – 5, Алијанса за албанците – 3 и ДПА – 2 пратенички места. По прогласувањето на конечните резултати и врачувањето на уверенијата, според Уставот, крајниот рок за конституирање на новото Собрание е 31 декември или 20 дена од одржувањето на изборите.

Десет дена по конституирањето на Собранието, претседателот на државата треба да го довери мандатот за состав на нова влада на кандидатот на партијата што има мнозинство во Собранието. Потоа, мандаторот, во рок од 20 дена, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на кабинетот.

Во новиот собраниски состав ќе има 62 нови пратеника. 58 се од минатиот состав. 38 се жени.

 

Игор Панов