Промовиран водич за санација на почвата по поплавите
Земјоделците од поплавените подрачја на своите посеви треба да засадуваат повеќегодишни растенија, кои ќе ја подобрат структурата на почвата- советуваат агроекспертите. За спречување идни катастрофи препорачуваат пошумување, одводни канали, мерки за заштита од ерозија. Пораката до земјоделците е да ги осигураат посевите.

Науката ќе им помага на земјоделците полесно да се справат со последиците од климатските промени, но и со проблемите што ги предизвикаа поплавите годинава во Скопско. Промовиран е првиот прирачник за санација на почвата во поплавените подрачја. Направени се потребните анализи и изготвени неопходните препораки.
„Заштита на почвите како основен ресурс, но сигурно и во делот на селекциите, генетиките, воведување нови технологии во производството кои што даваат резултати, трансфер на технологии од подрачја кои биле зафатени, кои веќе имаат искуство“, изјави проф. д-р Драги Димитриевски, декан на Факултетот за земјоделски науки и храна.
Среќна околност е што нема хемиска контаминација на почвата, а не се забележани ниту патогени микроорганизми. Наместа наносите надминувале 1,5 метар, а биле зафатени околу 1.000 хектари земјоделско земјиште. Најголем дел од почвата може веднаш да се обработува, потребни се превртување и мешање, како и интензивно внесување органски ѓубрива, затоа што најплодниот дел од почвената маса бил однесен во поплавите.
„Нашите препораки се да се одгледуваат повеќегодишни растенија, легуминозни, кои што пред се ќе ја подобрат структурата на почвата,затоа што за тоа се наменети. Дури во некои делови земјоделците можат да започнат со понатамошно одгледување на постоечките култури, секако со претходна обработка на почвата и со направени почвени анализи кај нас“, вели проф. д-р Татјана Миткова, Факултет за земјоделски науки и храна.
Сепак климатските промени се реалност и се препорачува осигурување на родот.
„Со едукации и преку работилници им укажуваме на нашите земјоделци дека пред сѐ и над сѐ е осигурување на нивните посеви преку осигурителните компании“, нагласи Никола Стаменов, претседател на Федерацијата на фармери на РМ.
Во годините со поголеми поплави штетите во земјава достигнувале до 7% од БДП. Годинава во Скопско тие надминаа 50 милиони евра, а минатогодишните изнесуваа 43 милиони евра.
Свето Николовски
