Во петок конститутивна седница на новиот собраниски состав

29.12.2016 07:57

Деветтиот македонски парламентарен состав ќе има 120 народни избраници. Најмногу мандати освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 51, коалицијата предводена од СДСМ има 49 мандати, ДУИ 10, Беса - 5, Алијанса на Албанците - 3 и ДПА - 2.

Конститутивната седница на новиот состав на Собранието на Република Македонија ќе се одржи задутре, на 30 декември, во 13 часот. Седницата ја закажа и со неа ќе претседава претседателот на Собранието во заминување, Трајко Вељаноски.

Деветтиот македонски парламентарен состав ќе има 120 народни избраници. Најмногу мандати освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 51, коалицијата предводена од СДСМ има 49 мандати, ДУИ 10, Беса - 5, Алијанса на Албанците - 3 и ДПА - 2. Во овој парламентарен состав нема да има народни избраници од дијаспората поради недоволен број гласови.

Претседавачот со првата седница назначува двајца од избраните пратеници кои по потреба го заменуваат во претседавањето со седницата, а потоа со прозивка на избраните пратеници го утврдува бројот на присутните избрани пратеници.

Собранието може да се конститутира ако на седницата присуствуваат мнозинство на избраните пратеници, а откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието, кои ќе ги верифицираат мандатите. Собранието од редот на пратениците избира претседател и потпретседатели на Собранието.

Новиот собраниски состав ќе има 62 нови и 58 пратеници од минатиот состав, а некои од нив биле народни избраници и во други состави. Од 120 пратеници, 38 се жени.