Блок свет

Вести од светот

05.02.2014 10:25

Вработените во лондонското метро вчеравечер почнаа 48-часовен штрајк

Лондон

Вработените во лондонското метро вчеравечер почнаа 48-часовен штрајк, поради најавените отпуштања на стотина работници, како и продавачите на билетите. Повеќето станици нема да работат, а одредени линии ќе бидат делумно во функција. Градските власти одлучиле да го зголемат бројот на автобуски линии за да не дојде до хаос во сообраќајот. Лондонското метро секој ден го користат околу 3 милиони патници. Доколку не дојде до договор, штрајкот продолжува на 11-ти февруари.

Вашингтон

Американскиот потпретседател Џо Бајден побара од украинскиот претседател Јанукович да ја прифати меѓународната подршка и да ја реши кризата во земјата. Само дијалогот и компромисот можат да доведат до крајно решение и до формирање Влада на која народот ќе и верува истакнал Бајден. Денеска претставничкта на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон одново е во посета на Киев за само неколку дена. Русија објави дека веќе префрлила три милијарди евра помош на украинското конто.

Бангкок

Продолжуваат антивладините протести во Тајланд. Стотици демонстранти се уште танцуваат и на тој начин  ги блокираат главните крстосници  во главниот град, откако вчера опозицијата побара од Уставниот суд да ги поништи изборите. Опозиционерите за следните денови најавуваат уште помасовни собири.

Пешавар

Најмалку осуммина загинаа, а четириесетина се повредени во самоубиствен напад во пакистанскиот град Пешавар. Експлозијата се случила во близина на џамија во моментот кога верниците излегувале од молитвата, само неколку часа по мировните преговори меѓу пакистанската Влада и Талибанците. Се уште никој не ја презел одговорноста за нападот.

Перу

Помор на делфини во северниот дел на Перу. Над 400 од овие цицачи беа пронајдени на брегот на Тихиот океан пред неколку дена. Официјалните лица се уште ја испитуваат причината за несреќата, но се сомневаат дека загадената средина влијаела врз здравјето на овие животни.

Марија Петковска