Иванов: Нема да се согласам Македонија да биде бинационална и федерална држава
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во годишното обраќање повика ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да се сплотат околу државните интереси, новата влада да го спроведе пописот, да ги реформира безбедносните служби и да ги заштити државните интереси.

Европската Унија да престане да ја блокира нашата иднина, неодговорното однесување на НАТО и ЕУ кон Македонија се одрази на внатрешната политика, се загуби реформскиот моментум, се затегнаа односите- посочи претседателот Иванов во годишното обраќање. Повика ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да се сплотат околу државните интереси, новата влада да го спроведе пописот, да ги реформира безбедносните служби и да ги заштити државните интереси. Нема да се согласам Македонија да биде бинационална и федерална држава- порача Иванов во обраќањето.
„Мојот став е повеќе од јасен. Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде бинационална држава. Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде федерална држава. Република Македонија е унитарна држава на сите нејзини рамноправни граѓани- Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, евреи, атеисти. Тоа е она по што сме поразлични од другите“- рече претседателот Иванов во годишното о обраќање.
Претседателот Иванов го повикува лидерството на двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да смогнат сила за да си простат, да се помират и конечно да се сплотат околу националните и државните интереси.
„Нема ништо потрагично и поопасно од меѓумакедонскиот судир. Секогаш кога сме биле поделени, други нè окупирале, раселувале, преименувале и однародувале. Затоа, го повикувам лидерството на двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, да смогнат сила за да си простат, да се помират и конечно да се сплотат околу националните интереси на македонскиот народ и државните интереси на Република Македонија. Ако навистина ја сакаат оваа држава и ако навистина се грижат за македонскиот народ, ги повикувам да ја почитуваат волјата на граѓаните бидејќи во омразата никој нема ниту иднина, ниту надеж. Ги повикувам на национално помирување“, нагласи во обраќањето претседателот Иванов.
Иванов очекува од новата влада што поскоро да спроведе попис, бидејќи без него не може да се бараат права што зависат од статистиката.
„Слушам дека се бара двојазичност на целата територија на Македонија. Тоа прашање е затворено со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Охридскиот договор, каде се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија. Службената употреба на кој било јазик во Република Македонија зависи од статистиката, а единствен начин за добивање реална статистика е пописот. Последниот попис во Македонија беше пред цели 14 години. Тоа е предолг период за која било држава. Без нов попис на населението, не може да се бараат права што зависат од статистиката. Очекувам новата влада што поскоро да спроведе попис за да видиме колку сме, да видиме дали реалноста на теренот соодветствува со тврдењата на некои политичари“- потенцира претседателот Иванов во годишното обраќање.
Претседателот Иванов нагласи дека очекува од новата влада да ги заштити државните интереси и системски да ги реформира безбедносните служби.
