Ескалираат превирањата во ССМ

29.12.2016 15:07

Четирите отповикани синдикални организации велат дека Митревски го окупирал синдикатот. Според Митревски, претседателите на овие грански синдикати вршат опструкции врз работењето на ССМ, водени како што вели, од влијанието на политички и бизнис-структури.

На седницата на ССМ биле отповикани четири синдикални организации: синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија (УПОЗ), Синдикатот на индустријата, енергетиката, и рударството на Македонија (СИЕР), Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, Комунално- станбеното стопанство, Занаетчиството и заштитните работилници (СУТКОЗ) и Агро синдикатот. Од овие синдикати, кои имаат над 25 илјади работници, сметаат дека одржаната седница не била статутарна. Ги немаат добиено одлуките за нивно исклучување од Сојузот. За нив, велат, вратите на ССМ се затворени.

Овие Синдикати го обвинија Живко Митревски дека го окупирал синдикатот. Живко Митревски тврди- четворицата претседатели на гранските синдикати вршат опструкции врз работењето на ССМ, водени како што вели, од влијанието на политички и бизнис -структури. Според него, тие преку фалсификат се обидуваат да го сменат раководството на Синдикатот.

За превирањата во ССМ и поднесените кривични пријави ќе треба да се произнесе и Јавното обвинителство.

 

Наташа Гркова- Петрушевска