Постигнат договор за прекин на огнот во Сирија
Постигнат е договор за прекин на огнот во Сирија, а Москва и Анкара ќе бидат гаранти. Сириската војска објави дека од полноќ ќе ги запре сите дејствија.

Владата на Сирија предводена од Башар Ал-Асад и бунтовниците договорија прекин на огнот, а Турција и Русија ќе бидат гаранти за планот. Примирјето стартува на полноќ. На состанокот со министрите за надворешни работи и одбрана, Сергеј Лавров и Сергеј Шојгу, претседателот Владимир Путин побара трпение за преговорите, професионален пристап и постојан контакт со партнерите.
„Пред неколку часа пристигнаа вести дека развојот на настаните се одвива во правецот што го посакувавме. Потпишани се три документи. Договор меѓу сириската Влада и вооружената опозиција е првиот. Пакет - мерки за контрола на прекинот на огнот е вториот. Третиот е декларација за подготвеност да се пристапи кон мировни преговори“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Примирјето не се однесува на двете главни џихадистички групи Исламска држава и поранешниот Фронт ал Нусра преименуван во ал-Шам, кои дивеат на тие простори над пет години. Но ги опфаќа областите околу Дамаск кои се под контрола на бунтовниците.
Лавров изјави дека ќе им предложат и на Саудиска Арабија, Јордан, Египет, Ирак и Катар да се приклучат на постигнатите договор. Москва и Анкара претходно преговараа за примирје во Алепо, вториот град по големина во Сирија, од каде што беа евакуирани десетици илјади цивили и борци.
Иницијативите од ОН, Русија и САД беа неуспешни на долгорочен план.
Маја Филдишев
