Конститутивна седница на новиот состав на Собранието
На дневен ред на првата собраниска седница се избор на претседател и членови на Верификациската комисија, верификација на мандатите на пратениците, избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и избор на претседател на Собранието на Република Македонија.

Со верификација на мандатите на новоизбраните пратеници денеска треба да биде верификуван деветтиот состав на Собранието на Република Македонија. Според последните измени на Деловникот, со седницата треба да претседава претседателот на Собранието во заминување Трајко Вељаноски.
На вчерашната координација несогласување со тоа Вељаноски да ја води седницата искажа претставникот на СДСМ Оливер Спасовски.
На дневен ред на првата собраниска седница се избор на претседател и членови на Верификациската комисија, верификација на мандатите на пратениците, избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и избор на претседател на Собранието на Република Македонија.
Деветтиот македонски парламентарен состав ќе има 120 народни избраници. Најмногу мандати освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 51, коалицијата предводена од СДСМ има 49 мандати, ДУИ 10, Беса - 5, Алијанса на Албанците - 3 и ДПА - 2. Во овој парламентарен состав нема да има народни избраници од дијаспората поради недоволен број гласови.
Претседавачот со првата седница назначува двајца од избраните пратеници кои по потреба го заменуваат во претседавањето со седницата, а потоа со прозивка на избраните пратеници го утврдува бројот на присутните избрани пратеници.
Собранието може да се конститутира ако на седницата присуствуваат мнозинство на избраните пратеници, а откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието, кои ќе ги верифицираат мандатите. Собранието од редот на пратениците избира претседател и потпретседатели на Собранието.
