Претпазлив оптимизам кај Американците за 2017-та

30.12.2016 10:39

Претпазлив оптимизам кај Американците за настаните во новата 2017-та година. Многу Американци по промената на администрацијата во Белата куќа очекуваат подобра финансиска состојба, безбедност и толеранција во државата и светот.

Американците очекуваат дека во новата 2017-та година ќе бидат во подобра финансиска ситуација, но сепак повеќе ќе штедат наместо да трошат. Мнозинството сакаат да поминуваат повеќе време со роднините и пријателите и да се чувствуваат побезбедно дома и во светот.

„Би сакала да видам вечен мир, но не знам како тоа можеме да го постигнеме. Би сакала земјата да се сложува подобро и сите ние да се однесуваме добро едни со други.“

„Би сакал да го гледам моето семејство повеќе. Би сакал да се вратам во форма во теретана. И би сакал повеќе да патувам.“

„Мир во светот е нешто што постојано го барам. Секоја година го пожелувам тоа, но се уште не ми се исполнило. Би било убаво подобро да се однесуваме меѓусебе, па се надевам ќе можеме да го направиме тоа“, велат граѓани на Вашингтон кои ги анкетираше МТВ.

Во новата година, Американците сакаат да видат подобрување на политичката ситуација во земјата, да се намалат конфликтите во светот, да нема терористички напади и напади врз полицајци на американско тло. Како лична цел за новата 2017-та си поставуваат да бидат поздрави и физички поактивни. Сите се согласуваат дека новата година ќе донесе позитивни промени.

Американците имаат различни желби за новата 2017-та година, но сите се оптимисти дека таа ќе биде подобра од претходните.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ