Путин: Потегот на САД е провокација, нема да наседнеме

30.12.2016 14:48

Путин не го прифати барањето на руското МНР за протерување на американски дипломати. „Потегот на САД е провокација, а ние нема да наседнеме“, нагласи шефот на руската држава.

Наспроти дипломатските очекувања за реципроцитет- пресврт. Рускиот претседател Владимир Путин го одби предлогот на Министерството за надворешни работи да бидат протерани американски дипломати, откако Вашингтон спроведе таква санкција против официјална Москва. Според него, потегот на претседателот во заминување Барак Обама е провокација, но Русија нема да наседне. На интернет-страницата на Кремљ е објавена изјавата во која вели:

„Имаме право да возвратиме, но нема да се симнеме на нивото на оваа неодговорна дипломатија. Ќе продолжиме да работиме на обновување на билатералните односи врз основа на политиката која ќе ја спроведува администрацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп“, нагласи Путин.

За портпаролот на шефот на руската држава, Вашингтон води агресивна и непредвидлива надворешна политика.

„Одлуките на администрацијата која ќе работи уште три недели имаат две цели: да ги влошат односите меѓу двете земји и да влијаат врз надворешната политика на идната администрација. Но станува збор за целосно внатрешен проблем во САД“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Владимир Путин.

Премиерот на Русија, Дмитриј Медведев изјави дека Обама го завршува мандатот во „антируска агонија“. Во пораката на Твитер му порача: „Почивајте во мир“.

Се очекуваше Путин да прогласи 35 американски дипломати во Москва и во Санкт Петербург за персона нон грата, но и да забрани користење на вила и складиште во главниот град откако Обама затвори два објекта кои Русија ги користеше на територија на САД.

„Потезите на американската администрација се очигледни. Објектите кои ги затворија ги користеа децата за зимскиот распуст. Дознав дека ги нарекле дури и „шпионски гнезда“, рече Сергеј Лавров, министер за надворшени работи на Русија.

Администрацијата на Обама вчера протера 35 руски дипломати поради наводното руско хакирање на компјутерскиот систем на Демократската партија со цел Доналд Трамп да влезе во Белата куќа. Освен Москва, и Трамп ги отфрлија обвинувањата. Наследникот на Обама кој ќе биде инаугуриран на 20 јануари нагласи дека ќе работи на подобрување на билатералните односи.

 

Маја Филдишев