Електронските пораки ги заменија новогодишните честитки

30.12.2016 15:11

Картичките кои беа душа на празничната еуфорија, сѐе почесто се заменуваат со два три збора порака на мобилен или на социјалните мрежи. Сега, испраќањето на честитките остана практика претежно кај деловни партнери и од роднини и пријатели кои живеат или работат во странство.

Со преполни торби скопските поштари од дом во дом брзаа да ги поделат новогодишните честитки, се потсетува поштарот Томислав Петрушевски кој 30 години им носел среќа и на децата и на возрасните. Вели насмевката на лицата му го топлела срцето во студените предновогодишни денови.

Масовната употреба на интернетот и на мобилната телефонија го намали бројот на пратени честитки. Сега најчесто се честита на социјалните мрежи или со СМС порака. Но, интересот не згаснува велат продавачите.

Во минатото со нетрпение се чекале празниците, за да честитаат на роднини и пријатели, велат граѓаните.

Од Македонски пошти велат дека преку различни активности сакаат да ги мотивираат младите да ја вратат оваа традиција на праќање честитки. Годинава организираа и бесплатна достава на честитките, парите ќе бидат наменети за СОС детското село.

Честитките некогаш беа главниот белег на Новата година. Тие беа симбол за здравје среќа и бериќет.

 

Дијана Ценевска