Конституиран деветтиот состав на Собранието на Македонија

30.12.2016 15:52

На последниот работен ден од 2016-та, Законодавниот дом ја одржа конститутивната седница на новиот парламентарен состав. Верифицирани се мандатите на народните избраници. Дополнително ќе се избира претседател на Собранието.

Конститутивна седница на собранието. Верификуван мандатот на новите пратеници. Спикер ќе избира дополнително. Со седницата претседаваше доскорешниот претседател Трајко Вељаноски. Процедурална забелешка имаа пратениците од Социјал-демократскиот сојуз.

Верификационата комисија го изгласа извештајот за предвремените парламентарни избори подготвен од ДИК. Од БЕСА побараа да не биде верификуван мандатот на Јохан Тарчуловски со објаснување дека бил хашки затвореник, но, тоа не беше прифатено со образложение дека нема ниту правнички ниту деловнички пречки Тарчуловски да биде пратеник.

Новиот собраниски состав ќе има 62 нови и 58 пратеници од минатиот состав. Од 120 пратеници, 38 се жени.

Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на владата да го довери на кандидат на партијата односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на собранието му поднесува програма и го предлага составот на владата.

Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

 

Миле Ристески