Фински експеримент: 560 евра за седење дома

03.01.2017 10:31

560 евра за седење дома во наредните две години- во Финска почна експериментот „Основен приход“. Ќе се спроведе на 2.000 невработени. Целта е оваа категорија луѓе да се поттикнат да размислуваат да работат нешто дополнително, затоа што за нормален живот во земјата трошоците се високи. Просечните примања се 3.400 евра.

Финска стана прва земја во светот која вчера го почна експериментот „Основен приход“ во кој 2.000 невработени, од сите региони на земјата, во период од две години ќе добиваат основна плата. Одбраната група невработени на 28-ми декември беа информирани од Службата за социјална заштита „Кела“ дека ќе примаат месечно по 560 евра и за возврат од нив ништо не се бара. Нивото на платата е определено од „Кела“, но треба да се нагласи дека со тој износ не ќе може да се живее лесно, затоа што просечната плата во Финска изнесува 3.400 евра, што значи дека станува збор за енормно високи трошоци за живеење.

„Мислам дека ова може да биде одличен потттик луѓето да прифатат барем мали работи на одредено време. Досега невработените нерадо прифаќаа вакви работи затоа што се плашеа дека ќе бидат турнати на дното на ранг листата доколку се појави „вистинска“ работа, а тука беше и проблемот со данокот. Затоа што ако тој приход се додаде на помошта која ја примаат, понекогаш испаѓаше дека во џебот им остануваше помалку отколку воопшто да не работат“, изјави Марјука Тарунен, шеф на правниот сектор на „Кела“.

Избраните лица се од група од 175 илјади потенцијални корисници на возраст меѓу 25 и 58 години, кои добивале надоместок за невработеност во ноември 2016-та.Од избраните 48% се жени, а 52% се мажи. Третина од нив се млади на возраст од 25 до 34 години, третина на возраст од 35 до 44,а најголем дел се на возраст од 45 до 58 години.

Според новиот концепт на основниот приход не се плаќа данок, дури и ако примателите најдат некоја работа и заработат нешто над тој износ. Тоа може да им даде дополнителна финансиска сигурност, а можат да сметаат и дека тие пари ќе им стигнат на време,а што ќе направат со нив, е нивна работа, вели Марјука Тарунен. Социјалната служба нема да врши никакви посебни контроли врз учесниците на експериментот и ќе ги следи исклучиво преку податоците во регистарите кои ги има на располагање.

 

Свето Николовски