Течат роковите за формирање на новата Влада

03.01.2017 12:22

Течат роковите за формирање на новата Влада. Претседателот на земјава, Ѓорге Иванов, има уште околу една недела да го довери мандатот за состав на владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Се ситни предвидениот рок во кој претседателот Ѓорге Иванов треба да го додели мандатот за формирање на нова Влада по предвремените парламентарни избори од 11-ти декември. Рокот за нов мандатар започна да тече од 30-ти декември кога се конституираше Собранието, односно кога на народните избраници им беа верификувани мандатите.

На првиот ден од Новата година претседателот Иванов рече дека роковите ќе бидат испочитувани според Уставот за доверување на мандатот за формирање на новата македонска Влада.

„Постои Устав во кој се одредени роковите и нив треба да ги почитуваме. Јас како претседател сум обврзан според Уставот, по конституирањето на Собранието, во 10 дена да го дадам мандатот“, рече претседателот Иванов.

Барем засега партиите молчат околу коалицирањето и не откриваат никакви детали. Деветиот состав на парламентот е со 51 пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, двајца помалку имаат Социјал демократите, ДУИ освои 10 места во Собранието, БЕСА- 5, Алијансата на албанците- 3 и ДПА е со двајца народни избраници.

Според законот, претседателот до 9-ти јануари треба да го довери мандатот за состав на новата влада на партијата или партиите што имаат мнозинство во Парламентот.

Мандаторот за 20 дена откако ќе го добие мандатот треба да поднесе програма за работа и да го предложи составот на новата влада. Неа со мнозинство гласови ја избира Собранието.

 

Миле Ристески