Напаѓачот од Истанбул бил професионален убиец
„Хуриет“ пишува дека напаѓачот се борел на страната на џихадистите на Исламска држава (ИД) во Сирија и дека при нападот во Истанбул користел техники што ги научил таму.

Напаѓачот кој на новогодишната ноќ отвори оган врз присутните во ноќниот клуб „Реина“ во Истанбул, при што загинаа 39, а 69 беа ранети, е професионален убиец, оценуваат експертите за безбедност и додаваат дека начинот на кој тој делувал укажува на тоа дека „тој апсолутно е убиец и дека веројатно убивал и претходно“. Го опишуваат како одлучен, самоуверен, практичен и ладнокрвен експерт кој знае како да постигне резултати.
„Хуриет“ пишува дека напаѓачот се борел на страната на џихадистите на Исламска држава (ИД) во Сирија и дека при нападот во Истанбул користел техники што ги научил таму.
Дневникот „Хабер Турк“ пишува дека напаѓачот дошол во Истанбул од градот Коња, заедно со неговата сопруга и двете деца, со цел да не „привлече внимание“.
Турските медиуми објавија т.н. „селфи-видео“ од човек за кој велат дека е напаѓачот снимен на плоштадот „Таксим“. Видеото го објави турската телевизија и голем број медиуми, меѓу кои и Државната агенција „Анадолија“. Дел од нив тврдат дека го добиле видеото од полицијата. Заменик премиерот Нуман Куртулмуш потврди дека биле уапсени осум луѓе поврзани со нападот, без да даде дополнителни детали.
Во меѓувреме во медиумите се појави информација дека напаѓачот е идентификуван како Ујгур Турку, кој потекнува од Источен Туркистан, назив кој се користи за именување на кинескиот автономен регион Синкјанг. Веројатно пристигнал од Сирија, каде се борел на страната на ИД.
Според информациите, приведено е семејството на терористот, чиј идентитет сѐ уште не е официјално обелоденет.
Марина Автовска
