Волците и Ренџерите на зимска обука во Маврово
05.02.2014 12:49
Министерот за одбрана Талат Џафери, државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефановски и заменик-началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, во Маврово ги посетија припадниците на Полкот за специјали операции на АРМ кои на овој локалитет изведуваат обука во зимски услови.

Министерот за одбрана Талат Џафери, државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефановски и заменик-началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, во Маврово ги посетија припадниците на Полкот за специјали операции на АРМ кои на овој локалитет изведуваат обука во зимски услови.
Полкот за специјални операции изведе огледна тактичка вежба на снег и тактички марш на скии со гаѓање, а беа презентирани и опремата и објектите за живот и престој на планина во зимски услови. Оваа вежба е всушност почеток на одбележувањето на 20-годишнината од формирањето на специјалите единици на АРМ што ќе биде одбележано на 1 март.
Министерот Џафери изјави дека во рамките на надгледувањето заедно со заменик-началникот на ГШ на АРМ и командантот на овие единици се увериле дека припадниците на полкот за специјални намени соодветно ги изведуваат сите планирани активности без оглед на тоа какви се временските услови.
- Уште еднаш можам да потврдам дека она што можевме да го видиме покажува дека војниците и старешините се подготвени да ги извршат соодветно сите поставени задачи, изјави министерот.
Тој посочи дека Министерството за одбрана ја следи состојбата со опремата и потребите на оваа единица за соодветно да се реагира и доколку има потреба да се замени одредена опрема.
- Со планот за набавки којшто е предвиден оваа година предвидена е и набавка на дел од опремата која што е потребна за единиците и во континуитет ги согледуваме финансиските можности за тоа да го покриеме, рече министерот.
Командантот на Полкот за специјални операции бригаден генерал Васко Ѓурчиновски изјави дека оваа вежба е прва најавна активност по повод одбележувањето на Денот на специјалните единици – 1 Март. По повод годишнината ќе се одржи свеченост во касарната „Илинден“.
Исто така најави дека 19 февруари ќе биде Отворен ден за граѓаните кои би сакале да видат како се извршува обука, како ги извршуваат секојдневните задачи и како живеат припадниците на овие единици.
Бригадниот генерал Ѓурчиновски изјави дека пет проценти од припадниците на полкот за специјални операции се жени и дека во текот на оваа година има план за пополнување на целокупниот персонал на единицата.
