Препораки: Граѓаните да се подготват за полуполарни временски услови
Македонија се подготвува за многу студено време. Метеоролозите најавуваат температури и до -22 целзиусови степени, снег и замрзнат дожд. Значителна промена на времето ќе има од четврток. Свикана е седница на Координативното тело. Надлежните велат дека екипите се целосно мобилизирани и подготвени да интервенираат. Од УХМР апелираат, граѓаните сериозно да ги сфатат предупредувањата, особено ако планираат да патуваат.

Леден дожд, снег, ветер со температури до -22 степена. Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) со предупредување за студеното време што ќе ги зафати Македонија и целиот Балкан. Според најавите, в четврток се очекуваат снежни врнежи на целата територија на земјава, а на планините ќе паднат 50 сантиметри снег. Надлежните по координативниот состанок излегоа со препораки до граѓаните.
„Ги предупредуваме граѓаните на Република Македонија сериозно да пристапат кон своите патувања за Божикните празници поради тоа што снегот во комбинација со студените температури, може да донесе сериозни непријатности и последици при патувањата. Сериозно да се земат в предвид овие прогнози, затоа што веќе голем дел од Балканскиот Полуотров, е веќе зафатен од студениот бран“, изјави Оливер Римевски, директор на УХМР.
Од „Македонија пат“ велат дека се подготвени за снежниот бран. Низ земјава се распоредни екипи на 37 пунктови со 170 возила. Апелираа до сите учесници во сообраќајот да носат зимска опрема и да ги почитуваат правилата. Особено треба да внимаваат оние кои ќе патуваат во текот на викендот.
„Нашите екипи деноноќно дежураат и се во втор степен на зимско одржување. Тоа значи дека тие ќе бидат на целата територија, на сите државни патишта, без разлика на временските услови, 24 часа“, рече директорот на ЈП „Македонија пат“, Гајур Кадриу.
И Град Скопје одржа координативен состанок на зимската служба со претставници на администрацијата, општините и на јавните претпријатија. За чистење на снежните наноси, градот располага со 24 возила и 2.500 тони сол. Оттаму апелираат до сите стопански субјекти и до сите граѓани, кога ќе падне снег, да ги почитуваат законските обврски и да ги расчистуваат снегот и мразот од пристапите до нивните деловни, односно станбени објекти.
Викторија Милевска
