Градски превоз: Хартиените билети заминаа во историјата

03.01.2017 15:38

Почна примената на електронските картички во градскиот превоз во Скопје. Се користат и за услугите на приватните превозници. Пред овластените продажни места метеж. Граѓаните велат дека не биле доволно информирани. Од ЈСП, пак, посочуваат дека не се направени корекции во ценовникот.

Хартиените билети заминаа во историјата, а во градскиот превоз на метрополата загосподарија електронските билети. На ЈСП му се приклучија и приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, а без оглед на бројот на патници во автобусот, фирмите ќе добиваат пари според изминатите километри. Граѓаните како и секогаш неинформирани докрај.

„Утрово влегов во автобус, а тој ми наплати 150 денари за едно возење“, вели еден жител на Скопје.

Доколку немате електронски билет „Скопска“ или пак, персонализираниот „Моја Скопска“ за возењето во градскиот превоз ќе можете да платите со мобилен или пак, да купите картичка во вредност од 150 денари, со 5 промотивни возења засега.

Пензионерите како и досега- најредовни. Први застанаа пред шалтерите за да извадат или пак, заверат електронски билети.

„Да продолжиме или пак да завериме пензионерска картичка од Градски.“

„Чекавме половина час. Внатре брзо оди, ама...“

„Подобро е ако секаде може да се извади, нема турканици. Штиклираш и си одиш.“

„Ја дадов на еден човек да ми ја продолжи“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Бесплатниот превоз за пензионерите во вторник, петок, сабота и недела сега важи и во приватните автобуси. Истите привилегии ги имаат и студентите во четврток, како и лицата со посебни потреби кои користат повластен превоз. Иако кампањата трае неколку месеци, сите продолжуваат по старо, го чекаат последниот ден за да обезбедат електронски билет.

„Народот не е добро информиран за овие картички.“

„Ние сме самите виновни, граѓаните. Тие кажуваат цел месец, но не на сите телевизии“, валт анкетираните.

Корисна информација за сите: Најевтино е возењето доколку купите повластен билет со 10 возења по цена од 250 денари, кои мора да се искористат во период од 10 дена. А најскапо е плаќањето со мобилен преку бројот 185, и чини 40 денари.

 

Свето Николовски