Вашингтон се подготвува за инаугурацијата на Трамп
Главниот американски град веќе се подготвува за инаугурацијата на 45-тиот американски претседател Доналд Трамп на 20-ти јануари.

Инаугурацијата ќе започне на 19-ти јануари со положување венци цвеќе на гробиштата Арлингтон од страна на новиот американски претседател Доналд Трамп и потпретседател Мајк Пенс. Вечерта ќе се одржи концерт на Линколн Меморијал за воените сили и спасувачките екипи. Доналд Трамп и Мајк Пенс ќе положат заклетва пред Конгресот точно на пладне на 20-ти јануари. Потоа колоната возила со новиот претседател и потпретседател ќе помине по авенијата Пенсилванија, каде се очекува да пристигнат околу 2 милиони луѓе. Трамп сака инаугурацијата да биде за Американците коишто го избраа, а не за политичарите, па на обраќањето пред Белата куќа ќе бидат присутни само амбасадорите од странските држави.
„Давам заклетва пред сите граѓани на нашата држава, дека ќе бидам претседател за сите Американци. И ова ми е многу важно“, изјави Доналд Трамп, новоизбраниот американски претседател.
Предвидени и се два инаугурациски балови во Вашингтон. Доналд Трамп наредниот ден на 21-ви јануари ќе присуствува на молитвата во Националната катедрала. Тој ќе има вечера за членовите на неговиот кабинет.
Мнозинството Американци го одобруваат изборот на членовите на кабинетот на Доналд Трамп.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
