Турција: Идентификуван напаѓачот од Истанбул
Експертите за безбедност тврдат дека напаѓачот е професионален убиец кој најверојатно убивал и претходно. Го опишуваат како одлучен, самоуверен, практичен и ладнокрвен експерт кој знае како да постигне резултати. Сопругата на осомничениот изјавила дека не знаела оти тој е симпатизер на ИД, и дека за пукањето слушнала на телевизија.

Напаѓачот кој за време на новогодишната ноќ во ноќниот клуб „Реина“ во Истанбул уби 39 луѓе е идентификуван како Јахе Машрапов, роден 2 август 1988, во Киргистан. Светските медиуми објавија слика од првата страница со фотографија од неговиот киргистански пасош. Во моментот полицијата ја проверува оваа информација. Дел од медиумите наведуваат дека не е исклучена можноста Машрапов да поминал воена обука во Сирија, иако неговото име не се наоѓало на листите на странски борци на Исламска држава. Експертите за безбедност тврдат дека напаѓачот е професионален убиец кој најверојатно убивал и претходно. Го опишуваат како одлучен, самоуверен, практичен и ладнокрвен експерт кој знае како да постигне резултати. Сопругата на осомничениот изјавила дека не знаела оти тој е симпатизер на ИД, и дека за пукањето слушнала на телевизија.
Турските медиуми објавија т.н. „селфи-видео“ од човек за кој велат дека е напаѓачот. На снимката тој мирно шета на плоштадот Таксим снимајќи цело време.
Инаку првиот авион со телата на жртвите и со ранети луѓе од ноќниот клуб пристигна во бејрут.
„Го осудуваме овој што се случи и се надеваме дека вакво нешто повеќе нема да се случи. Тоа се невини жртви. Што уште можам да кажам“, вели Ели Слаби, пријател на жртва.
„Кога ни се јавија од Турција помисливме дека никој не преживеал. Со зет ми веднаш отидовме на аеродромот и се качивме на авион за Турција. Сакавме да пристигнеме пред да се разбудат нашите родители и да ги видат вестите. Го најдовме брат ми в болница“, изјави Тураја Бшара, сестра на ранет маж.
Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава која напаѓачот го нарече „војник на калифатот“. Во меѓувреме турските власти привеле двајца странски државјани на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул, под сомнение за поврзаност со нападот во клубот „Реина“. Двете лица биле приведени на влезот во меѓународниот аеродром и однесени во седиштето на полицијата во Истанбул.
Марина Автовска
