Чавушоглу: Утврден идентитетот на напаѓачот од Истанбул
Турските власти го утврдија идентитетот на напаѓачот од Истанбул. Во последната серија апсења беа приведени петмина осомничени за новогодишниот инцидент. Вонредната состојба е продолжена за уште три месеци.

Најмалку пет лица се уапсени во новата потрага по осомничени за нападот во ноќниот клуб во Истанбул во кој загинаа 39 луѓе. Министерот за надворешни работи на Турција изјави дека е утврден идентитетот на човекот кој отвори оган во преполн локал за време на новогодишната прослава. Во седумминутниот напад загинаа многу странски туристи.
„Утврден е идентитетот на напаѓачот од Истанбул. Лицето е се уште во бегство. Нападот во ноќниот клуб го извеле професионалци“, изјави Мевлут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција.
Киргистанецот кој беше притворен непосредно по инцидентот е ослободен и не е покренато обвинение против него. Бунтовниците од Исламска држава ја презедоа одговорноста за масакрот чијашто цел било да се ликвидираат христијаните, кои според нив, слават богохулен празник.
„Овие луѓе не веруваат во господ. Немаат никаква врска со исламот, а тврдат дека дејствуваат во негово име.“
„Нека ги стигне најстрогата казна од Алах. Ни прават проблеми на сите. Проклети се.“
„Ниедна религија не повикува на вакви злосторства. Не знам што сакаат да докажат. Убија млади луѓе кои штотуку почнаа да живеат.“
Поради серијата напади, парламентот на Турција ја продолжи вонредната состојба за уште три месеци. Властите ја воведоа по неуспешниот обид за државен удар од 15 јули за што го обвинуваат имамот Фетула Ѓулен. Неговата организација „ФЕТО“ се товари и за серија кривични дела, вклучувајќи и прислушување на највисоките владини претставници и создавање на паралелни државни структури. Во хајката против пучистите се уапсени над 40 илјади лица осомничени за соработка со ѓуленистите.
Маја Филдишев
