ФЗОМ со најголем буџет досега од 26,9 милијарди денари

04.01.2017 14:51

Овој буџет е за милијарда и 370 милиони денари повисок од буџетот на почетокот на 2016 година, односно зголемување за 5,4 отсто, истакна денеска на прес-конференција директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски.

Фондот за здравствено осигурување на Македонија 2017 година ја почнува со историски најголемиот буџет на институцијата во висина од 26 милијарди и 947 милиони денари. Овој буџет е за милијарда и 370 милиони денари повисок од буџетот на почетокот на 2016 година, односно зголемување за 5,4 отсто, истакна денеска на прес-конференција директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски.

Процентуално поделбата на буџетот за 2017 година е следнава: ЈЗУ ќе добијат 53,14 отсто од буџетот на ФЗО, ПЗУ ќе добијат 30,57 отсто, надоместоци за породилно и болест 10,76 отсто, ортопедски помагала 1,67 отсто, лекување во странство 1,48 отсто, за функционирање на Фондот (капитални инвестиции и софтвер) 2,11 отсто- истакна Стефаноски.

Во последните две години буџетите на јавните здравствени установи се зголемени за речиси 1 милијарда и 500 милиони денари, од кои во 2016 година се зголемени за 973 милиони денари, а во 2017 обезбедиле нови дополнителни 458 милиони денари.

Буџетот од околу 27 милијарди денари е повеќе од двојно повисок во споредба со 2000 година кога е формиран Фондот и кога изнесувал 12,5 милијарди денари.