Ердоган: Целта на нападот во Истанбул- внатрешни немири и поделба меѓу народот

04.01.2017 15:36

Турските власти го утврдија идентитетот на напаѓачот од Истанбул. За претседателот Ердоган, целта на крвопролевањето во ноќниот клуб „Реина“ била да се предизвикаат внатрешни немири и поделба меѓу народот. Вонредната состојба е продолжена за уште три месеци.

Турските власти го утврдија идентитетот на човекот кој отвори оган во преполн локал на новогодишната прослава во Истанбул кога загинаа 39 луѓе. Во меѓувреме беа уапсени најмалку пет лица осомничени за учество во инцидентот. Во седумминутниот напад загинаа и многу странски туристи.

„Утврден е идентитетот на напаѓачот од Истанбул. Лицето е се уште во бегство. Нападот во ноќниот клуб го извеле професионалци“, изјави Мевлут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција.

Киргистанецот кој беше притворен е ослободен и не е покренато обвинение против него. Бунтовниците од Исламска држава ја презедоа одговорноста за масакрот чијашто цел било да се ликвидираат христијаните, кои според нив, слават богохулен празник. Убиецот бил обучен на Блискиот Исток.

„Овие луѓе не веруваат во Господ. Немаат никаква врска со исламот, а тврдат дека дејствуваат во негово име.“

„Нека ги стигне најстрогата казна од алах. Ни прават проблеми на сите. Проклети се.“

„Ниедна религија не повикува на вакви злосторства. Не знам што сакаат да докажат. Убија млади луѓе кои штотуку почнаа да живеат.“

Непосредно по нападот, претседателот Реџеп Таип Ердоган изјави дека џихадистите се обиделе уште еднаш да предизвикаат раздор меѓу турскиот народ, но и овој пат не успеале. Официјална Анкара веќе неколку месеци води борба против сите терориситчки организации, вклучувајќи ги и Курдската работничка партија и Исламска држава.

„Турција води нова борба за независност. Националното единство, територијалниот интегритет, институциите, економијата, надворешната политика, накратко, се што не карактеризира како држава е цел на сурови напади“, изјави Ердоган.

Поради серијата напади, парламентот на Турција ја продолжи вонредната состојба за уште три месеци. Властите ја воведоа по неуспешниот обид за државен удар од 15 јули за што го обвинуваат имамот Фетула Ѓулен, којшто се смета за државен непријател број еден бидејќи спроведува паралелни структури во земјата. Во хајката против пучистите се уапсени над 40 илјади лица осомничени за соработка со ѓуленистите.  

 

Маја Филдишев