Надлежните се мобилизираат пред најавениот поларен бран
Од утре значителна промена на времето. Надлежните се мобилизираат пред најавениот поларен бран. Се преземаат превентивни мерки пред можните проблеми во сообраќајот, снабдувањето со електрична енергија, ризиците по здравјето. Се внимава да се згрижат бездомниците пред големиот студ. Апел до граѓаните – деновиве без потреба да не излегуваат од своите домови.

Најавените поларни температури и обилни снежни врнежи ќе се пресретнуваат со добра екипираност на болниците и на службите за итна медицинска помош. Надлежните ги обврзаа овие установи да обезбедат кадар, возила, доволни количини лекови и санитетски материјали. На Центрите за јавно здравје им препорачаа да формираат кризни штабови на локално ниво со службите на ЦУК, Црвениот Крст и Центрите за социјална работа. Од Комисијата за превенција од штетните ефекти од студените бранови апелираат до граѓаните следните денови доколку немаат неодложни обврски да не ги напуштаат своите домови. Доколку, пак, мораат да излегуваат, тоа да го сторат во периодот од 11 до 16 часот бидејќи тогаш температурите ќе бидат за некој степен повисоки.
„Ако излезат да тоа биде краток престој, од еден до максимум еден час и 30 минути, да си носат топла облека, да бидат заштитени, топли напитоци и по можност обувки коишто не лизгаат за да се спречат скршеници. Очекуваме и голем наплив на скршеници токму поради ова време. Се препорачува за ризичните групи, посебно хронично болните овие два дена да си ја обезбедат терапијата, да си ја имаат дома за да не мораат тие три дена да одат на лекар да бараат терапија да се изложат на студено време. Да обезбедат терапија и редовно да ја пијат терапијата“,изјави претседателот на Комисијата, Јованка Костовска.
Патронажните служби со тимовите на Центрите за социјални работи и Црвениот Крст овие два дена ќе ги посетат лицата кои живеат сами за да им се помогне со огрев, храна и лекови. Согласно заклучоците на Управувачкиот комитет, ќе бидат згрижени бездомниците. На заедничката координација, Центрите за социјални работи и Црвениот Крст договорија- наредните денови да бидат стационирани сите бездомни лица во посебни престојувалишта.
„Во Скопје, едниот пункт за бездомниците е Момин Поток, а другиот е Чичино село, каде што се подготвуваат сместувачките капацитети. За оние семејства кои имаат деца до 3 години, ќе бидат сместени во Ранка Милановиќ или 25-ти Мај. Низ останатите градови, во соработката со Министерството за образование и наука ќе бидат отворени интернатите ширум Република Македонија“, изјави Ибрахим Ибрахими, министер за труд и социјална политика.
Четири тима на Црвениот Крст веќе се на теренот. Храна, напитоци, ќебиња веќе дистрибуирале до местата за кои се најавуваат најниски температури.
„Што се однесува до бездомниците, на дневна основа во моментов имаме прифат на 8 до 10 лица. Очекуваме бројот да се зголеми кога температурите ќе бидат пониски“, вели Сузана Павловска, Црвен Крст.
Надлежните препорачуваат работодавачите да ги ангажираат вработените кои работат на отворено само во периодот од денот кога се повисоки температурите и да им даваат почести паузи. За трудниците и повозрасните лица препораките ќе важат доколку температурит се спуштат под – 20 целзиусови степени. На бројот 195, или на 194, ќе може да се јавуваат граѓаните кои ќе имаат потреба од било каква помош или кои нема да се чувствуваат добро.
Во меѓувреме, и Дирекцијата за заштита и спасување го свика главниот штаб со порака до институциите да ги преземат неопходните превентивни активности.
Фиљана Кока
