Отворени понудите од тендерот за изградба на новиот Клинички центар во Скопје

04.01.2017 16:29

Три конзорциуми доставија понуди на тендерот за изградба на новиот Клинички центар во Скопје. Се пријавиле и македонски фирми, во партнерство со странци. Кој ќе ја добие зделката треба да се знае најдоцна за 90 дена.

Отворени се пристигнатите понуди. Конзорциуми составени од домашни и странски компании заинтересирани да го градат новиот клинички центар. Кој ќе ја добие зделката за најголемиот здравствен комплекс ќе се знае најдоцна за три месеци. По спроведување на законските процедури, градежните работи се очекува да почнат напролет, а е предвидено да завршат до крајот на 2021 година.

„Понудениот буџет е 68 милиони, бидејќи не ни се сите пресметани понуди егзактно, некаде се дадени со процентни попусти, јас не би шпекулирал сега со бројки. Договорот го добива понудата со најсниска цена, под услов да ги исполнува специфичните финансиски критериуми како и искуство за градба на ваков тип на болници. Мислам дека имаме три сериозни понуди“, изјави Јован Грповски, Министерство за здравство.

Со надлежните, проектот треба да постигне функционалност, безбедност, како и удобност на пациентите и персоналот, да ги задоволи највисоките меѓународни стандарди за енергетска ефикасност. Проектот предвидува изградба на нов Клинички блок, нова зграда на лаборатории и приспособување и обновување на зградата на Хируршките клиники. Објектите на Кардиологија, Детска клиника, Онкологија, Клиниката за инфективни болести, Гинекологија и Стоматологија, ќе продолжат да функционираат во своите постојни објекти интегрирани во реорганизираниот Клинички центар.

 

Наташа Јанчиќ