Европарламентарците се за Македонија во ЕУ
Дебатата за извештајот за напредокот на Република Македонија во 2013 година ќе почне доцна вечер...

Дебатата за извештајот за напредокот на Република Македонија во 2013 година ќе почне доцна вечер, околу 23 часот, според предвидениот дневен ред на Европскиот парламент.
Во резолуцијата што ја подготви Ричард Ховит, Европскиот парламент уште еднаш го повикува Советот на Европската унија без одлагање да утврди датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.
Притоа се нагласува дека билатералните проблеми не треба да бидат пречка за почеток на преговорите, иако тие треба да бидат решени пред крајот на процесот на зачленување.
„Извештајот е реален, не е толку проблем во извештајот, туку контекстот во кој се дојде до новиот извештај. Сите ние сакаме да има динамика во однос на Македонија, таа да напредува и да ја покаже својата проевропска линија со нови реформи и стандарди.Знам дека Македонија има големи амбиции да направи се што треба. Мнозинството овде во Европскиот парламент сака да се прекине оваа блокада и навистина да дојде до преговори и таа да оди натаму“,изјави Алојз Петерле, европратеник од Словенија.
Петерле мисли дека е лошо за регионот кога има земји со различни статуси, ЕУ ќе мора да награди секоја амбиција и секој напредок што е направен.
Имено, ЕП жали што одлагањето на датумот за преговори ја акцентира растечката фрустрација на јавното мислење во однос на ќорсокакот во кој се наоѓа процесот на интеграција во Унијата и тоа ризикува да предизвика проблеми и тензии во земјата. Исто така се жали што Советот не ја повтори истата формулација од 2012 година во однос на Македонија.
ЕП смета дека критериумите од Копенхаген се доволно исполнети за да ги почне земјата преговорите и дека членството во ЕУ е постигнато кога една земја целосно ги исполнува.
Во резолуцијата, меѓу другото, се изразува жалење за отсуството на интегрирано образование и се повикува на разбивање на стереотипите, етничките поделби и промовирањето на инклузивна двојазичност на незадолжителна основа, се осудуваат сите видови ултранационализам.
По дебатата за Македонија, утре ервопратениците ќе гласаат за предложената резолуција на Ричард Ховит.
Тони Гламчевски
