Снегот го отежна сообраќајот: Забрана за камиони на Стража и Маврово- Дебар

05.01.2017 10:26

Поради снежните врнежи од изутрината е воведена забрана за движење на камиони на патот Гостивар- Кичево преку планинскиот превој Стража и на патниот правец крак Маврово- Дебар.

Поради снегот што паѓа од ноќеска во поголемиот дел од државава, патниот, железничкиот и авиосообраќајот се одвиваат во зимски услови. Поради снежните врнежи од изутрината е воведена забрана за движење на камиони на патот Гостивар- Кичево преку планинскиот превој Стража и на патниот правец крак Маврово- Дебар.

Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно по влажни коловози во северниот, западниот и југозападниот дел од државата, а во останатите делови од државава коловозите се наместа влажни.

„Македонија пат“ апелира на внимателно возење и прилагодување на брзината на условите на патот.

Екипите на зимската служба на Град Скопје се на терен и од почетокот на снежните врнежи, на булеварите и улиците се фрлени 150 тони сол.

Според податоците на официјалната веб страница на ТАВ Македонија, без проблеми изутрината се реализирани предвидените полетувања и слетувања на аеродромот „Александар Велики“.