Православните христијани утре го слават Бадник, задутре Божик

05.01.2017 10:47

Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан со пригодна беседа ќе им се обрати на скопјани и на сите добронамерници и ќе му го предаде ќупот на новиот кум-бадникар Радко Манов.

Православните христијански верници во Македонија утре го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.
Бадник традиционално ќе биде одбележан со собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Манифестацијата ќе почне со бадниковата химна што ќе ја исполни Силви бенд и со кревање на бадниковото знаме.

Свештениците од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ќе ги осветат нафората, чајот и ракијата, како и бадникарските гранчиња, што годинашниот кум и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.

Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан со пригодна беседа ќе им се обрати на скопјани и на сите добронамерници и ќе му го предаде ќупот на новиот кум-бадникар Радко Манов.

Здравицата годинава ќе ја каже здравичарот Љубиша Николиќ, а на граѓаните ќе им се обрати и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.

Во пресрет на Бадник, вечер во скопските маала и во другите населени места во Македонија ќе се одржат народни собири со палење бадникарски огнови. Рано изутрина, пак, Рождеството Христово ќе го најават децата коледарчиња.