Граничарите породиле имигрантка
Имигрантка од Авганистан роди бебе во Валандово. Бремената жена на паркингот кај браната Паљурци ...

Имигрантка од Авганистан роди бебе во Валандово. Бремената жена на паркингот кај браната Паљурци завчера околу 19 часот ја пронашле граничните полицајци од граничниот премин Богородица. 18-годишната Холами Латифе со илегален влез и престој во Македонија била со почнати породилни болки. Полицајците ја викнале итната помош од Гевгелија. Тие поради немање дежурен гинеколог во Гевгелија не можеле да ја примат родилката. Затоа граничните полицајци со службено возило ја одвеле во здравствениот дом во Валандово. Брзата и хумана акција на граничната полиција го спасило животот и на мајката и на девојчето, зашто пораѓањето се искомплицирало поради излезена папочна врвца.
„Имаше среќа и пациентката, имавме и ние. Бебето беше релативно добро. Не многу големо, 2 кила и 700 грама и 47 сантиметри долго и тоа му помогна многу брзо да го завршиме пораѓањето. Се заврши некаде околу 21:25 часот“, вели д-р Димитар Гетов- специјалист гинеколог.
Ова е прв случај на бебе имигрант со кој работеле валандовските гинеколози.
Ќерката на Холами е миленичка на персоналот во Здравствениот дом во Валандово. Веќе ги доби и првите подароци.
Малото девојче и мајката родилка утре ќе бидат пуштени од Здравствениот дом од Валандово и ќе бидат испратени во Прифатниот центар за азиланти во Скопје.
Катерина Давчева
