Бран поскапувања во Грција

05.01.2017 15:26

Грција во Новата година влезе во бран поскапувања. Повисоки цени добија повеќе производи и услуги. Скокнаа даноците на кафето, цигарите, нафтата, поскапеа и фиксната телефонија и интернетот.

Првиот ден од новата година на грчките граѓани им донесе нов бран поскапувања. На стартот на 2017- та во Грција поскапеа бензинот, цигарите, кафето, како и телефонските и интернет услуги.

Цигарите поскапеа за половина евро по кутија, додека тутунот за евро по пакување. Интернетот и телефонските услуги поскапуваат за 6 отсто. Бензинот е поскап за 3 центи по литар, а кафето за 10 центи по шолја.

Дел од поскапените производи, а во прв ред цигарите и тутунот, се очекува да се соочат со уште еден нов бран поскапувања на пролет.

Грција во 2017- та влегува со невработеност од 23 отсто, а според податоците на Еуростат, 37,8 проценти од граѓаните живеат со ризикот од сиромаштија и социјална ексклузија.

Кон економската криза во 2016 та се надоврза и мигрантско бегалската криза , а големиот број на мигрaнти и бегалци на грчките острови Лезбос и Хиос предизвикува сериозни негативни последици врз туризмот во овие најпогодени места.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ