Електроснабдувањето стабилно, зголемена потрошувачката на електрична енергија

09.01.2017 10:44

Минусните температури ја зголемија потрошувачката на електрична енергија. Од ЕЛЕМ велат дека има доволно за да се задоволат потребите.

Состојбата во електроснабдувањето е стабилна. Иако минусните температури го исфлија од употреба еден од трите блока во РЕК Битола, ноќта помеѓу Бадник и Божик, сепак граѓаните и целата индустрија на регулираниот пазар ги добиваат сите потребни количини енергија, информираше директорот на АД ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски.

Тој истакна дека во првите седум денови од годинава АД ЕЛЕМ своето произвоство го има натфрлено за 10,9 проценит и во целост одговорило на потребите на граѓаните и индустријата.

Поради студениот бран, пак, потрошувачката на енергија била зголемена за 10-тина проценти во однос на вообичаената потрошувачка за овој период од годината. Дефектот на третиот блок во РЕК Битола ја принудил компанијата да распише тендер за увоз на струја. Од пријавените пет компании тендерот го добил најповолниот добавувач „ЕЛЕМ Трејд“.

Увозот на струја не е интервентен, туку е планиран вели Мицкоски. Се работи за 175 мегавати во банд профил. Струјата ќе и се продава на ЕВН по регуларната цена од 41 евро за мегават час иако е купена по 53 евра на Купекс берзата која веќе е по цена од 75 евра за мегават час.

Директорот на ЕЛЕМ посочи дека ЕЛЕМ во целост ги има ставено на располагање сите свои производствени капацитети кои работат, а хидроелектраните се во резерва и, како што посочи тој, доколку дојде до зголемување на потребите на потрошувачите ќе бидат ставени во функција и ќе одговорат на потребите на потрошувачите.

Поларните температури не ги ублажуваат ниту сончевите зраци кои после неколку дена се појавија на хоризонтот. Силниот северен ветер, дополнително ги замрзнува остатоците од снег по тротоарите и коловозите што предизвикува отежнато движење и на возилата, и на пешаците.

Од АМСМ предупредуваат дека сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, наместа со остатоци од снег, па се препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Од „Македонија пат“ информираат дека забраната за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово- Дебар се уште се на сила. Нормализиран е сообраќајот во двата правци на патниот правец Куманово- Свети Николе.

На патниот правец Прилеп-Витолиште сообраќајот е дозволен само за лесни возила со задолжителна употреба на зимска опрема. Во клисурите и усеците можна е појава на помали одрони.

Од „Македонија пат“ тврдат дека дежурните екипи се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни.

Фиљана Кока