Продолжуваат преговорите за обединување на Кипар

09.01.2017 12:54

Преговорите ќе траат три дена, а в четврток е закажана конференција за Кипар. Според ОН, има големи шанси 2017 година да биде годината во која Кипар ќе реши да ја сврти страницата на конфликтот, откако во 2015 година мировниот процес не успеа.

Лидерите на кипарските Грци и Турци денеска во Женева ги продолжуваат преговорите за повторно обединување на островот, со цел да изнајдат излез од 42 годишниот конфликт. Двете страни преговараат со посредство на Турција, Грција и Велика Британија, која во минатото беше колонизатор на островот.

Преговорите ќе траат три дена, а в четврток е закажана конференција за Кипар. Според ОН, има големи шанси 2017 година да биде годината во која Кипар ќе реши да ја сврти страницата на конфликтот, откако во 2015 година мировниот процес не успеа.

Сепак, и покрај добрата волја, двете страни засега цврсто стојат на својата позиција околу клучната точка – територијалните и безбедносни прашања.

Кипар е поделен од 1974 година кога турската армија го зазеде северниот дел на островот како реакција на воениот удар на кипарските грци чија цел беше да ја припојат земјата на Грција што создаде сериозен удар за турскиот дел од населението.

Република Кипар е член на ЕУ од 2004 година, но во неа живеат само кипарските Грци додека на север кипарските Турци прогласија Турска Република Северен Кипар која е признаена само од Анкара.

Мировниот план предвидува федерална држава од два дела, еден грчки и еден турски, а делот на територијата што е под контрола на Турците треба да им биде вратен на кипарските Грци. Кипарските Турци претставуваат 18 отсто од населението и контролираат 36 насто од територијата. Околу ова сѐ уште нема договор и токму на таа тема се разговара во Женева.

На последните преговори Анастасијадес предложи идниот турски дел на Кипар да добие 28.2 отсто територија додека турската страна бара 29,2 отсто.

Меѓудругото, кипарските Грци бараат заминување на турските војници стационирани на северот додека кипарските Турци сакаат оваа војска да остане. Двајцата преговарачи се обврзаа да излезат со предлог на 11-ти јануари. Секој договор треба да биде ставен на референдум.

Марина Автовска