Продолжуваат превирањата во ССМ
Четирите исклучени синдикати излегоа на протест пред зградата на ССМ. Велат дека се спречени да влезат на нивните работни места и обвинија дека Живко Митревски го окупирал синдикатот. Митревски со контраобвинување – тврди дека се прави обид за смена на легитимно избраното раководство. Двете страни си разменуваат кривични пријави.

Членовите на четирите грански синдикати кои пред една недела беа исклучени од ССМ излегоа на протест затоа што не им било дозволено да влезат во зградата на синдикатите. За ова го обвинија претседателот Митревски, велат дека тој повикал полиција за да ги спречи да дојдат на нивното работно место. Според нив тој е нелегитимен претседател и му порачаа да ја напушти зградата на ССМ.
Претседателот на ССМ, Митревски објаснува дека побарал полициска асистенција за да се обезбеди нормално функционирање на ССМ. Ги обвини членовите на исклучените синдикати дека се обидуваат преку оркестриран напад насилно да го сменат легитимно избраното раководство на ССМ. Според Митревски, претседателите на четирите синдикати затаиле членарина во вредност од околу 15 милиони денари. Оваа група е водена од сопствени бизнис интереси и сака да му наштети на Синдикатот, рече Митревски.
Според Живко Митревски, тој е единствен и легитимен претседател, а зад ова тврдење, вели стојат 13 грански синдикати.
Викторија Милевска
