Препораки за заштита од студеното време: Бремените и хронично болните да не одат на работа
Бремените жени и хронично болните лица над 60 години поради екстремно ниските температури и денеска треба да бидат ослободени од работа, а за работите на отворено да се реорганизира работното време. Се препорачува граѓаните да не излегуваат надвор без неопходна потреба...

Според препораките на здравствените власти, бремените жени и хронично болните лица над 60 години поради екстремно ниските температури и денеска треба да бидат ослободени од работа, а за работите на отворено да се реорганизира работното време. Исто така се препорачува граѓаните да не излегуваат надвор без неопходна потреба, да консумираат топли напитоци и храна што ја одржува температурата на телото, да избегнуваат алкохол и соодветно да се облекуваат.
Министерство за здравство и Комисијата за превенција од студени бранови препорача во понеделник и во вторник да се ослободат од работни обврски бремените жени и хронично болните лица над 60-годишна возраст со цел заштита на нивното здравје. Препораките се за целата територија, но со посебен акцент на Осоговско-малешевскиот и на Полошкиот регион.
За работниците, пак, коишто работат на отворено треба да се внимава работните обврски да ги практикуваат од 10 до 16 часот со повремени паузи на секои два часа по половина час во топла просторија и со топли напитоци.
Голем проблем се и падовите и скршеници како последица на лизгавоста на улиците, поради што се препорачува внимателност на граѓаните за да не дојде до скршеници.
Доколку граѓаните забележат лице од ризик од студено време, како бездомник или деца на улица, треба да пријават на бесплатниот телефон 15 505.
