Во “Копа Италија“ Пандев и Наполи одново во Рим

05.02.2014 14:24

Екипата на Наполи, за која настапува македонскиот интернационалец Горан Пандев...

Екипата на Наполи, за која настапува македонскиот интернационалец Горан Пандев, вечерва го игра првиот полуфинален натпревар од фудбалскиот куп на Италија, против составот на Рома. Тоа ќе биде дуел на два тима од самиот врв на табелата, кои во првенството се на втората и третата позиција на табелата, а по традиција одлично играат и во “Копа Италија“, за што сведочат и трофеите. Во 66 – годишната историја на ова натпреварување, Рома е на делба на лидерската позиција со 9 титули, колку што има и Јувентус, а Наполи има 4 куп трофеи. Вистински раритет е подвигот на најдобриот македонски фудбалер во последната деценија, кој го освојуваше италијанскиот куп со три различни клубови, во четири едноподруго сезони. Најпрвин со Лацио во 2009 – та, потоа две години по ред со Интер, и во 2012 – та со својот сегашен клуб.

Колку се посветени на освојување на купот, потврдуваат нивните резултати во четвртфиналето, каде што Рома го елиминира Јувентус, а Наполи беше поуспешен од актуелниот победник Лацио, поранешниот клуб на Пандев. Двата вечерашни ривала ќе се обидат да се изборат за резултат, кој ќе им ги зголеми шансите, во пресрет на реваншот по седум дена во Неапол.

Претходно, во првиот полуфинален дуел, синоќа екипата на Удинезе минимално ја совлада Фиорентина со 2:1, по што и двете екипи остануваат со активен резултат, пред реваншот во Фиренца, закажан за 11 – ти февруари.