Советодавен комитет: Интегрирано општество и повеќејазичен систем на образование
Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, го објави четвртото по ред мислење за спроведувањето на конвенцијата во Македонија. Во препораките од државава се бара да се преземат неопходните мерки за да се изгради интегрирано општество и да се создаде повеќејазичен систем на образование.

Главната констатација на Советодавниот комитет е дека „општеството останува длабоко поделено, со малку размена меѓу двете најголеми етнички заедници, Македонците и Албанците“.
„Нивните односи се уште се доминирани од стравувања и меѓусебна недоверба, бидејќи се чини дека се направени малку напори од двете страни за надминување на фазата по конфликтот. Во овој контекст, политизацијата на етничките прашања и понатаму продолжува да биде придружуван со опширниот процес на градење на нацијата. Говорот на омраза врз основа на политички и етнички размислувања е сѐ повеќе присутен меѓу политичките елити и широко се користи во медиумите“- оценуваат експертите на Советот на Европа.
Имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, кој останува најважна алатка за промоција на правата на малцинствата, во моментов е предмет на темелна ревизија, во кој бројно помалите малцинства не се вклучени.
Најмногу забелешки во извештајот има за почитувањето на правата и дискриминацијата на Ромите.
Советодавниот комитет е загрижен и околу ведодостојноста на податоците од пописот од 2002-ра, со оглед дека помалите етнички заедници сметаат дека нивниот број е поголем од забележаниот. Тука се наведува проблемот со самоопределувањето, посебно на „торбешите“.
Од серијата на итни препораки до Република Македонија на пример е барањето- да се преземат сите неопходни мерки за да се изгради интегрирано општество кое цврсто е втемелено врз владеењето на правото, заштитата на човековите права, вклучувајќи ги и правата на малцинствата, почитување на различностите, напуштање на политиката етнонационалистички взаемни исклучувања, која го промовира формирањето на паралелни општества, како и да се преземат сите неопходни мерки за да се создаде интегриран и повеќејазичен систем на образование.
Од своја страна, претставниците на граѓанското општество и националните малцинства, сите, го наведуваат почитувањето на владеењето на правото, како прва и најитна преокупација.
Тони Гламчевски, постојан дописник од Стразбур за МРТ
