Реал – Атлетико: ќе “грми“ во Мадрид

05.02.2014 14:26

На европските фудбалски терени, главно се играат натпреварите од националните купови...

На европските фудбалски терени, главно се играат натпреварите од националните купови. Најголемо внимание предизвикува пресметката на ривалите од главниот град на Шпанија, во која Реал Мадрид го пречекува Атлетико. Како ретко кога во последниве две децении, се враќа големото ривалство, овојпат во полуфиналето од “Кралскиот куп“. Атлетико засега ја игра најдобрата сезона во историјата, во која по 22 одиграни кола, за првпат во 16 години е на врвот на табелата пред Барселона и Реал Мадрид, а притоа на импресивен начин се пласира во осминафиналето во Лигата на шампионите, и дојде до полуфиналето на домашниот куп.

Тимот предводен од клупата од амбициозниот Диего Симеоне има фантастична серија од 23 натпревари без пораз во сите конкуренции, и според најавите, немаат намера да ја прекинат. Фудбалерите на Реал имаат мотиви за реванш, откако со наведнати глави ги напуштија последните две соочувања, вклучувајќи го и финалето на минатогодишниот шпански куп. Натпреварот се игра на Сантијаго Бернабеу, вечерва во 20 часот, а во 22 часот е вториот полуфинален дуел, во кој Барселона му е домаќин на Реал Сосиедад. Каталонците ќе сторат се, за да демантираат дека се во криза, која делумно ги зафати со повредата на Меси, а уште повеќе со аферите кои го тресеа клубот во последно време, што се отслика и преку поразот од Валенсија во текот на викендот, по кој го загубија водечкото место во лигата. Составот од Сан Себастијан че гостува во непријатен момент на “Камп Ноу“, откако доживеа катастрофа изминатиот викенд, при гостувањето на “Висенте Калдерон“. Реванш натпреварите се играат следната недела.