ФЗОМ: Забрзана реализација на проектите од фармацевтската дејност

10.01.2017 16:07

Зголемена достапност на лекови за секој осигуреник, тримесечна терапија за хронично болните пациенти, најавија од Фондот за здравствено осигурување. На состанокот со Фармацевската комора разговарано за повеќе проекти кои ќе бидат од исклучително значење на осигурениците.

Фондот ќе овозможи лековите „Клексан“ и „Фраксипарин“ да бидат на рецепт, тримесечна терапија за хронично болни лица, апликација на мобилен телефон преку која ќе може да се лоцира најблиската отворена аптека. Ова се проектите кои се приоритет за оваа година на Фондот за здравствено осигурување. Од таму велат дека има повеќе предвидени проекти кои ќе бидат од исклучително значење за осигурениците, а тоа значи и зголемена достапност до лековите. 

„Ако пред 10 години буџетот на Фондот наменет за лекови на рецепт изнесувал само 800 милиони денари, толку пари биле на располагање во текот на годината за граѓаните да подигнат лек на рецепт, сега тој буџет е неколку пати поголем и е блиску 3 милијарди денари. До нас допираат гласовите на граѓаните и го следиме внимателно тој процес особено во овој период кога имеме зголемена потреба од лекови“, изјави директорот на ФЗОМ, Сашо Стефановски.

Соработката меѓу Фондот за здравствено осигурување и фармацевтската комора во земјава е на соодветно ниво. Работењето во аптеките треба да се подобри, сметаат во Комората. 

„Комората дава поддршка на проектите коишто фондот ги поставува како целни проекти за подобрување на снабдувањето од една страна, но од друга страна пак сакаме да се подобрат условите во работење во аптеките“, вели Бистра Ангеловска,  претседател на Фармацевтска комора.

Фондот за здравствено осигурување има склучено договор со 774 аптеки. Свесни се за одредени предизвици, особено кога станува збор на правото на избор на аптеката во која ќе се набави лекот. 

 

Ана Јосифоска- Тодоровска