Нов снег- нови проблеми
Ургентното одделение на Градска се наполни. Новиот снег создаде нови проблеми. УХМР за викендов најави уште врнежи. Состојбата на патиштата е отежната за тешките товарни возила. Од утре, поради ниските температури Македонија влегува во алертна-жолта фаза.

Скршеници и премрзнати екстремитети. Брзата помош постојано носи нови пациенти. Ваква е сликата на Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје. Снегот, студот и замрзнатите тротоари го отежнуваат движењето на пешаците, чести се повредите. Граѓаните велат дека внимаваат и оти излегуваат само кога е неопходно.
Од почетокот на годинава се примени околу 130 пациенти со скршеници. Само во последните 24 часа, се пријавиле 22-ца со повреди, од кои двајца се задржани на лекување. Премрзнувањето кај еден пациент било причина за ампутација на прстите.
Од Управата за хидрометеоролошки работи за викендов најавуваат нови врнежи од снег.
Од Републичкиот совет за безбедност во сообраќај апелираат да се вози внимателно. Посочуваат дека не смее да се патува без зимска опрема, а советуваат и возачите да се информираат за состојбата на патиштата и за временските прилики.
Температурите постепено ќе се зголемуваат, но и во претстојниот период ќе биде студено.
Дијана Ценевска
