САД: Тешко оди формирањето на владиниот кабинет
Тешко оди формирањето на владиниот кабинет во Вашингтон. Сенатот сѐ уште не даде зелено светло за назначувањата на Тилерсон, Кели и Сизнс за државен секретар, директор на внатрешната безбедност и државниот обвинител.

Бизнисменот Рекс Тилерсон не успеа да убеди неколку сенатори Републиканци дека е најдобрата личност за нов државен секретар, така што неговото наименување е неизвесно. Тилерсон во обраќањето пред Сенатот посочи дека Кина и Русија се противници на САД, но како прв приоритет ја истакна борбата против тероризмот.
„Најитен чекор за победа над радикалниот ислам е пораз на ИДИЛ, што создава многу предизвици во регионот на Блискиот Исток, за кое е потребно наше внимание, вклучувајќи ги Сирија, Ирак и Авганистан. Постојат приоритети што се напреваруваат што мора да бидат и на кои ќе биде одговорено, но тие не смеат да ни го свртат вниманието од најголемата мисија за победа над ИДИЛ“, изјави Рекс Тилерсон- кандидат за државен секретар.
Распитот на сенаторот Џеф Сизнс во Сенатот беше неколку пати прекинувано со протести на групи против расизам. Сизнс ги отфрли обвинувањата дека е расист и се обврза дека ќе ги брани законите и американскиот устав.
„Добро ја разбирам историјата на човековите права во нашата држава и огромното влијание што ја има врз постојаното и систематско нарушување и негирање на правата на глас за нашите браќа и сестри Афроамериканци. На ова сум бил сведок и мора да продолжиме напред и никогаш назад“, изјави Џеф Сизнсж, кандидат за Државен обвинител.
Генералот Џон Кели како иден секретар во Департментот за домашна безбедност истакна дека Америка се соочува со многу закани и дека треба да се подобри обезбедувањето на границите.
„Самата физичка пречка, од моја гледна точка на војник којшто се разбира во одбраната, нема да ја заврши работата и ќе мора да има повеќе заштитни нивоа. Ако го изградите ѕидот од Пацификот до Мексиканскиот залив, се уште ќе треба да го покрепите тој ѕид со патроли на луѓе, од сензори и набљудувачки направи“, рече Џон Кели, кандидат за секретар за Департментот за домашна безбедност.
Во Сенатот почнаа и потврдувањата на генералот Џејмс Медис за секретар за одбрана, Мајк Помпео за Директор на ЦИА, доктор Бен Карсон за секретар за домување и Елејн Чао за секретар за транспорт.
Некои од новите членови во администрацијата на Белата куќа се откажаа од платите и си дадоа отказ на претходните функции, за да не бидат обвинети за судир на интереси.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
