ЕЛЕМ: Снабдувањето со струја непречено, забележана зголемена потрошувачка

13.01.2017 11:55

Од ЕЛЕМ посочуваат дека целосно е одговорено на потребите на потрошувачите со оптимизација на домашните производни капацитети, и преку набавка на електрична енергија.

Од Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) соопштуваат дека снабдувањето со електрична енергија за домаќинствата и помалите компании на регулираниот пазар се одвива континуирано и во согласност со нивните потреби. Во изминатите 24 часа потрошувачката била за над 30 отсто поголема во однос на вообичаената за овој период.

Вчера биле испорачани 21.459 мегават часови од кои 83% биле обезбедени од домашните електроенергетски капацитети, додека 17% биле од увоз.

Според најавите од ЕВН и во наредните денови се очекува потрошувачката да биде поголема и до 30 насто и затоа ЕЛЕМ вчера преку јавен оглас набави 22.824 мегават часови електрична енергија што ќе бидат испорачани сукцесивно од 14-ти до 22-ти јануари, при што била постигната просечна цена од 79,4 евра за мегаватчас, велат од ЕЛЕМ.