Попладне врнежи од дожд и снег, можна појава на замрзнат дожд

13.01.2017 12:25

Нормализирање на временската состојба се очекува в недела, а од понеделник, Македонија под нов влажен бран.

Повремени врнежи од дожд и снег денеска доцна попладне во западните и северозападните предели во земјава. УХМР прогнозира можна појава на замрзнат дожд ноќеска. Врнежи од дожд ќе има и утре претпладне во западните и северните делови, а на планините ќе врне снег со што снежната покривка ќе се зголеми за нови 10 до 20 сантиметри, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Во Скопската котлина се очекува врнежите да бидат претежно од дожд, а ќе има и услови на места да има појава на замрзнат дожд.

Во недела, според Управата за хидрометеорлошки работи, ќе има преодно стабилизирање, а од понеделник под влијание на нов влажен бран ќе започне период на претежно облачно време со повремени врнежи од снег со променлив интензитет. Од средина на неделата на пониските места, особено на југоисток, врнежите ќе бидат од дожд. Во овој период дневните температури се очекува да бидат во интервал од -3 до 4 степени.