МЖ- Транспорт: Се вложуваат максимални напори за нормално одвивање на сообраќајот

13.01.2017 12:35

Македонски железници им се извинуваат на патниците за непријатностите кои се случуваат за време на превозот. Работат во крајно тешки услови на ниски температури, при што откажуваат влечните средства, замрзнуваат вагоните, има пукање на шините...

Поради завеаност на пругата, Македонски железници- Транспорт неколку дена го откажа возот кон Кочани, кој денеска повторно ќе почне да сообраќа. Од МЖ- Транспорт велат дека во почетокот и покрај лошите временски услови возниот ред бил одржуван со мали задоцнувања, но ниските температури и наслагите од мраз на пругите имале ефект врз неговото одржување. Поради екстремно ниските температури откажуваат влечните средства, вагоните замрзнуваат, пукаат шините и цевките, има завеани колосеци, велат од Железници.

„Греењето во патничките возови е во нормална состојба, освен некои мали исклучоци поради дефекти на определени системи на постарите возови. Во услови на огромна температурна разлика од 40 степени и често отварање на вратите тешко се постигнува повисока температура во вагоните“, вели за МТВ директорот на патничкиот сообраќај Кире Диманоски.

И покрај ниските температури голем број патници ги користат услугите на МЖ- Транспорт, иако нивниот број поради поларните температури е намален, вели Диманоски.

 

Наташа Гркова- Петрушевска