Снег, мраз и поплави во Европа, во Австралија- жешко лето

13.01.2017 12:46

Снег, мраз и поплави во Европа. Во Велика Британија е издадена наредба за евакуација од крајбрежните региони. Во Германија се очекува снежната покривка да достигне до 30 сантиметри. Во Австралија пак, жешко лето. Темепратурата достигна и до 45 целзиусови степени. Властите бараат внимателност од граѓаните...

Обилни снежни врнежни ја погодија централна Германија. Силниот ветар и снегот во текот на ноќта донесоа снежни услови во централиот дел на земјата. Властите затворија неколку патни правци, а екипите за помош на патиштата се на терен. Во текот на денот се очекува снежната покривка да достигне до 30 сантиметри.

Британија во состојба на готовност

Во Британија, пак илјадници луѓе биле евакуирани од домовите од крајбрежните делови на земјата, а стотина припадници на војската се распоредени како помош на жителите поради снежното невреме.

Британија е во состојба за готовност бидејќи за викендот се очекува нов студен бран со температура и до минус девет степени целзиусови и ветар и до 130 километри на час со снег, мраз и поплави. Предупредувања за бура се издадени во Англија, Шкотска, Велс и во Северна Ирска. Поплави се очекуваат во Есекс и Сафолк со ветар со орканска сила и висока плима.

Плановите за евакуација почнале да се применуваат во Џејвик, во близина на Клектон, а војската и полицијата одат од врата на врата со апели за евакуација. На сила се околу 80 предупредувања за можни поплави, а метеоролозите најавуваат уште една студена недела.

Жешко време со температура до 45 целзиусови степени во Австралија

На другата страна на светот пак, во Австралија каде што летото е во полн ек, температурата се искачи до 45-иот степен. Во Нов Јужен Велс се издадени забрани за палење огнови.

Властите ги предупредија на внимателност жителите на Канбера, каде што температурата се достигна 37 степени. Се очекува топлото време да продолжи и наредната недела.

 

Марина Автовска