Грипот го продолжи зимскиот распуст

13.01.2017 15:25

Грипот го пролонгираше почетокот на второто полугодие од учебната година. Основците и средношколците ќе почнат со наставата на 23-ти јануари, Министерството за образование ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести.

Грипот го продолжи зимскиот распуст, наместо на 18-ти, второто полугодие ќе стартува на 23-ти јануари. Министерството за образование ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести наставата да почне неколку дена покасно од предвиденото за да се избегне опасноста од ширењето на грипот во училиштата. Изгубените часови учениците ќе ги одработуваат напролет.

„Зимскиот распуст се продолжува, првиот училиштен ден ќе биде на 23-ти јануари. Двата дополнителни дена од зимскиот распуст, 18-ти и 20-ти јануари 2017, учениците ќе ги одработат во сабота, најверојатно во март и во април, за да се исполни вкупниот фонд од 180 наставни дена во учебната година“, изјави заменик- министерот Спиро Ристовски.

Откако општините ќе ја добијат одлуката од Министерството, ќе почне дератизацијата и дезинфекцијата во училиштата и градинките. Согласно со препораките на Комисијата за заразни болести, во Штип веќе се дезинфицирани училишта и градинки.

Според податоците, намален е и бројот на децата во градинките. Поради ниските температури и ризикот од грипот, родителите превентивно не ги носат во градинка.

 

Викторија Милевска