Преговори за нова влада: ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со различни позиции
ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со различни позиции во однос на преговорите за формирање влада. За коалицијата „За подобра Македонија“, неприфатливи се промена на Уставот за воведување двојазичност во целата држава и продолжување на мандатот на Специјалното обвинителство. За интегративците- еднаквата употреба на албанскиот со македонскиот јазик значи посилно општество.

Независно дали ќе се формира нова влада и кој ќе ја формира, што и да се случи, ВМРО-ДПМНЕ нема да преговара ниту пак ќе дозволи промена на Уставот со цел двојазичност на целата територија и продолжување на мандатот на СЈО. Ова e одговорот на ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение, откако ДУИ излезе со нивните барања утврдени на централното претседателство.
„Мултиетничката коалицијата „За подобра Македонија“ составена од 25 партии и предводена од ВМРО-ДПМНЕ повторува и потврдува дека не се согласува, нема да преговара и нема да дозволи промена на Уставот со цел двојазичност на целата територија и продолжување на мандатот на СЈО. Причините се темелат на заложбата за унитарна држава, заштита на уставниот поредок, нашите политички заложби изнесени во предизборниот период, Охридскиот Рамковен договор, како и на договорот од јуни-јули 2015-та, кој коалицијата доследно го почитуваше како што беше договорено и потпишано, и нема намера да го менува“- соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ констатира дека СЈО е алатка со која се деградира и се негира суверенитетот и независноста на македонската држава, наспроти барањата на ДУИ за официјализирање на албанскиот јазик, продолжување на мандатот на Специјалното обвинителство и забрзување на евроинтеграциите. Со соопштение се огласија и интегративците.
„Употребата на албанскиот јазик според Охридскиот договор и Уставот, еднакво со македонскиот јазик, го прави општеството посилно, пообединето и постабилно. Владеењето на правото во земјата е обврска на сите политички партии и претставува предуслов за продолжување на евроатлантскиот пат“- соопштија од ДУИ.
Засега преговори, барем официјално нема. Дали ќе почнат, од двете партии не откриваат. Најавите се дека разговорите ќе бидат далеку од очите на јавноста.
Миле Ристески
