Студот не го намали бројот на патници во возовите
Железничкиот сообраќај се одвива според возниот ред, без задоцнувања. Од Македонски железници-Транспорт најавуваат нормализирање и на сообраќајот кон Кочани, кој единствено беше во прекин.

Не се намалува бројот на патниците пред шалтерите на Македонски железници. Дел од нив го претпочитаат патувањето со воз, дури и деновиве на екстремен студ во земјава.
„Подобро е со воз, отколку со автобус, посигурно е. Навреме доаѓаат... Мене ми се нема случено, но сум слушнал дека со старите возови се случувало да запрат, темпеатурите се во ред... Се возиме, не заглавуваат“, велат патниците кои ги анкетиравме.
Возот на релација Скопје- Велес само што не тргнал. Се прават последните подготовки. Патниците се задоволни од возниот ред , велат, и од условите во вагоните.
„Топло е, немаше застој... Утрово во Зелеников на време дојде, топло беше, се беше во ред“, велат патниците.
Овој воз тргна на време во 13:20, следниот е најавен за Битола и според информациите нема да доцни. Според најавите од Македонски железници- Транспорт ќе се нормализира и сообраќајот кон Кочани, релацијата која единствена беше во прекин.
„Греењето во патничките возови е во нормална состојба, освен некои мали исклучоци поради дефекти на определени системи на постарите возови. Во услови на огромна температурна разлика од 40 степени и често отварање на вратите тешко се постигнува повисока температура во вагоните“, вели за МТВ директорот на патничкиот сообраќај Кире Диманоски.
Претходно надлежните се извинија поради непријатностите со кои се соочиле патниците, објаснувајќи дека поради екстремно ниските температури откажувале влечните средства, замрзнувале вагоните, пукале шините и цевките, но сепак сообраќајот се одвивал без поголеми задоцнувања.
Фиљана Кока
