Десетици мртви во авионска несреќа во Киргистан
Товарен авион на турската компанија „Мај-Карго Ерлајнс“ се урна во близина на главниот град Бишкек, веројатно поради пилотска грешка при обид за приземјување во услови на густа магла.

Најмалку 37 лица, меѓу кои и шест деца, загинаа во Киргистан откако турски товарен авион се урнал врз населено место. Авионот „Боинг 747“ се движел на релација Хонгконг-Истанбул, а се обидел да слета во услови на густа магла на околу 25 км од киргистанската престолнина Бишкек. Во несреќата која се случила веројатно поради пилотска грешка се разурнати 15 куќи.
„Причината за несреќата е се уште непотврдена официјално. Службите на терен соопштија дека видливоста е во рамките на дозволеното. Екипата имала ваква информација пред слетувањето. Според правилата, пилотот е тој кој решава што ќе прави“, изјави Кубатек Боронов, министер за вонредни состојби.
„Сестра ми живее веднаш до куќата врз која се урна авионот. За среќа, ни таа ни нејзиниот сопруг не биле дома во моментот на несреќата. Околу 7 часот слушнав силен звук, па земјата се стресе. Сите истрчавме надвор. Не можевме веднаш да сфатиме за што станува збор зашто имаше магла“, вели жител на селото.
Спасувачките екипи ги извекле телата на пилотите и на 15 цивили. Поголемиот број од загинатите биле жители на селото во кое паднал авионот стар 14 години. Според првичните информации, еден од членовите на екипажот ја преживеал несреќата.
Маја Филдишев
