Вашингтон: Исклучителни безбедносни мерки на инаугурацијата на трамп

16.01.2017 12:46

Во Вашингтон исклучителни безбедносни мерки за инаугурацијата в петок на новиот американски претседател Доналд Трамп. Засега нема ниту една веродостојна закана од можен терористички напад, изјави министерот внатрешна безбедност Џонсон.

Во пресрет на претседателската инаугурација на Доналд Трамп, в петок во Вашингтон, на која се очекуваат околу милион лица, се преземени исклучителни безбедносни мерки. Откако двајца џихадисти убија десетици луѓе во два напада со камиони во Ница и Берлин минатата година, американските безбедносни служби преземаат посебни засилени мерки со цел нешто слично да не се повтори во нивниот главен град.

Како можен безбедносен ризик се сметаат осамени снајперисти, камиони како напаѓачко оружје, вооружени дронови. Во последните неколку години се покажа дека земјата е ранлива на напади инспирирани од џихадистите надвор од САД, но спроведени од домашни екстремисти. Министерот внатрешна безбедност Џеј Џонсон истакна дека нема ниту една веродостојна закана за инаугурацијата.

Околу 28.000 припадници на безбедносните сили во униформа и во цивил од педесетина различни американски безбедносни служби, вклучувајќи ја тајната служба, националната гарда, ФБИ, ќе бидат распоредени во Вашингтон на инаугурациските свечености.

Инаку, церемонијата ќе почне со полагање венец на националните гробишта во Арлингтон, ќе се продолжи со поднесување заклетва, потоа инаугурациска парада и серија балови, за на крај да заврши со миса во Националната катедрала в сабота.

На покривите ќе бидат распоредени владини снајперисти, а ќе има и радијациски, хемиски и биолошки детектори. Безбедносните служби очекуваат меѓу 700 и 900 илјади луѓе на инаугурацијата, вклучувајќи и околу стотина групи кои планираат протести.

За да се спречи евентуален напад со камион, властите ќе постават бетонски бариери, камиони натоварени со цемент, камиони за отпад, автобуси и други тешки возила. На небото над Вашингтон е забрането користење дронови, а доколку некој се појави, Џонсон најавува технологија со која тоа ќе се реши. 

Марина Автовска